Адам од Македонија: Маж фатен во момент на физичка и духовна активност
Земјава е богата со артефакти. Многу значајни предмети, симболи на времињата кои поминале... Цела една историја која раскажуваат, непроценливи...
Кој знае уште колку нешта се кријат под земјата и во археолошките наоѓалишта кај нас. Кој знае и колку од нив се изнесени надвор од нашава земја преку сомнителни канали на црниот пазар и колку такви ги чуваат во музеите во околните земји и никако не ги даваат, а се наши, овде најдени...
За среќа, имаме предмети од капитална вредност и не смееме да дозволиме некој да ги одземе!
Златната маска од Требениште, Големата Мајка, Теракотните икони од Виница, Тетовската Менада, скулптурата на Изида, Златната рака со прстен... Сите се во нераскинлив дел од овој простор.
Но еден таков артефакт за кој научниците велат дека е единствен археолошки раритет во светот, кој спаѓа меѓу 10-те светски најзначајни археолошки наоди и претставува споменик на човештвото, е вистински уникат. Се работи за керамичкото торзо „Адам од Македонија“ од времето на Неолитот.
Машкото торзо е во седечка положба, откриено во 2000 година на археолошкото ископување на локалитетот Говрлево (крај Скопје). Со истражувањата раководеше археологот Милош Билбија од Музејот на град Скопје, кој артефактот го пронајде на последниот ден од октомвриските теренски истражувања на границата помеѓу културните слоеви кои припаѓаат на неолитот и енеолитот.
Фигурата датира помеѓу IV и III милениум. Веднаш по самото пронаоѓање го доби епитетот „милениумско откритие“. На почетокот од страна на М. Билбија беше именуван како „Адам од Говрлево“, но за потребите на правење бренд, беше преименуван во ,,Адам од Македонија“.
Има необична уметничка обработка. Тоа е еден нецелосно сочуван обид за претстава на маж фатен во момент на физичка или духовна активност. Ова машко тело поставено во седната позиција има нагласена анатомија, длабоко вовлечен стомак, истакнат папок, добро дефинирани мускули, видлив ‘рбет, па дури и скршен фалус.
Ремек- делото со експилицитно реалистична уметничка форма, на пошироката публика за прв пат и беше презентирано на 30 Септември 2006, во рамките на манифестацијата ,,Бела ноќ”.
Во моментот наодот може да се погледне во поставката на Музеј на Град Скопје.
Н.Т.