„Бев потрупан со луѓе, не знаев дали се живи или мртви“: Сведоштво на Јорданчо Ефтимов за кобната ноќ во Кочани

Јорданчо Ефтимов од Кочани е еден од преживеаните во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице.

Јорданчо за „Суппорт Кочани“ зборуваше за кобната ноќ на 16-ти март, како успеал да излезе од дискотеката, за последиците, но и за медицинската нега и грижа кои ги добил поради сериозните изгореници на рацете и лицето.

Вечерта за време на концертот, Јорданчо се наоѓал на најдалечната точка од вратата на дискотеката и вели дека имал многу голема среќа што се спасил и поминал со полесни повреди.

Објаснува дека изгорениците не се стекнати од оган, туку од високата температура која се создала во просторијата вели исто како „фурна за леб“.

Изгореници повеќе има на рацете отколку на лицето, а тоа заради тоа што на него имало луѓе па така успеал да го заштити лицето. Јорданчо нема изгореници на дишните патишта бидејќи како што вели лежел на подот, а таму температурата била пониска и некако успевал да земе воздух кој не му предизвикувал отежнување во дишењето.

„Не сум многу изгорен бидејќи бев потрупан со луѓе, не сум сигурен дали беа живи, прилично тежеа, не зборуваа ништо. Пример јас зборував, тие не зборуваа ништо, и кога ги потргнав, кога ја извадив раката само видов дека се растргнуваат луѓето над мене и некој ми подава рака да станам“, раскажува Јорданчо, за траумата што ја доживеал.

Видеото од инстаграм профилот на „Суппорт Кочани“, содржи вознемирувачка содржина.

Јорданчо има изгореници на лицето и на двете раце – левата рака му е функционална, но десната, според неговите зборови, сè уште бара време и лекување за да закрепне целосно.

Патот на лекувањето на Јорданчо бил прво во кочанската болница, но вели поради големиот број на посериозно повредни и гужваа која настанала, побарал помош од неговиот брат и бил однесен во болницата во Штип. Од таму бил препратен во Градската болница во Скопје, каде што вели дека докторите и сестрите биле 24/7 со сите повредни од пожарот во Кочани.

Јорданчо вели дека трансплантацијата на кожата му била направена 4 до 6 дена по несреќата, со земена кожа од ногата и пресадена на деловите на кои биле потребни.