Дора, сестра на Тоше: Тој беше мојот мал брат, кој го обожавав и го сакав со сета моја душа и срце

„ Додека ги совладував снежните височини, со леснотија и измешани чувства, на страв и радост, таму некаде, во едно место меѓу повисоките во светот, а највисоко на Балканот, една мајка со тешкотија ги поминуваше серпентините на својот роден град. За да го донесе на свет своето второ чедо, со кое многу подоцна ќе ни се спојат животните патеки. Тој ден, 25 јануари 1981 година, во 11.15 ч. таа го роди Тодор Проески.

********************

Снегулките сплотени во облаци, со ненадејни свртувања кружеа над „Света Богородица“, го покрија покривотизграден на две води и високиот осмостран тамбур. Се распослаа и на Споменикот „Мечкин Камен”, симбол на храброста. Го блокираа патот во Чаршијата, пред црквата „Св. Никола“. Мразулците се надвиснаа и над Леарницата за куршуми. Снегот го покри Крушево како глазура, а распослан пред скромната куќа на работничкото семејство Проески, на уличката Томе Никлев, 32, изгледаше како празнична трпеза.

Луѓето, кои полека се пробиваа низ него, не ни можеа да претпостават дека токму тогаш и токму таму се подготвува да дојде на овој свет еден од најголемите уметници на овие простори.

Никола Проески го позајми автомобилот од своите соседи и со својата сопруга Домника полека од крушевските височини се симнуваше кон градот под Марковите кули. Кон Прилеп. Во нивниот скромен дом, шестгодишната Дора остана со двете баби. Миговите на исчекување да се роди бебето ги помина чистејќи го секој дел од куќата.

„Постојано ја отворав вратата и излегував на балкон за да проверам дали штркот го донел брат ми. Бабите го следеа секој мој чекор. Само што ќе се завртев, тие ја затвораа вратата. „Добро, дете, што правиш, ќе нé смрзнеш?! Зошто постојано ја отвораш вратата од балконот?“ Ги погледнав зачудено, а потоа со тивок глас им одговорив: „Се плашам штркот да не го остави бебето на балкон и ако не го видам, може да смрзне на големиот студ“. Бев пресреќна кога брат ми го донесоа дома. Веднаш ме освои со своите црвени обравчиња, црната косичка и најубавите очиња на свет. Постојано бев до него и се обидував да и помагам на мајка ми. Сите му се радувавме на новиот член во семејството. Беше преубаво и мирно бебе. Тој беше мојот мал брат, кој го обожавав и го сакав со сета моја душа и срце.“ (Дора Ристеска, сестра на Тоше)

Го крстија Тодор. Божји дар. Крушевскиот адет е сите машки деца да добиваат име според дедото. Во вените му течеше крвта и на прадедото Тодор Проја, чии 500 златни гроша на 26 јули 1903 година значеа ветер во знамето на крушевските јунаци. Токму од неговиот дуќан, храбрите илинденци ја „позајмиле“ газијата за палење на уќуматот.

Нашиот мудар народ вели секое дете во куќата си носи своја среќа. Кога малиот Тодор пристигна во домот, јамболлиите по кои чекореше Домника, држејќи го во рацете, добија ѕвезден сјај. Мирисот на тиганиците, измесени од вештите раце на двете баби долго во текот на денот ја објавуваа радосната вест во улицата Томе Никле. Истиот Никле, кој со Никола Карев, со својот потпис го верификува дарот на Тодор Проја, од името на Главниот штаб на Вториот македонско-одрински револуционерен округ.

 Скромната куќа на Проески беше доволно голема да ги прими сите луѓе со искрени честитки на усните. Гравчето, зелката зачинета со суви црвени пиперки и сармата со ориз, поради радоста, имаа поинаков вкус. Со пари не може да се купи среќата што ја донесе новиот член во семејството.

Извадок од книгата „ОВА НЕ Е КРАЈ“

Автор: Соња Алексоска Неделковска