Ѓаволското око од Македонија: Единствена структура на светот

Нашата земја е богата со интересни природни реткотсти, некои ги нема ниту на едно друго место во светот. А, имаме и таинствени места кои се исполнти со мистика и легенди.

Локалитетот Цоцев Камен се наоѓа на 25 км западно од градот Кратово, на надморска височина од околу 400 м, помеѓу селата Коњух на запад и Шопско Рударе на исток, во близина на маалото Цоцевци, по кого и го добил името.

Цоцев Камен е вулканска карпа која со својата специфична структура и облик се издвојува од околината. Висока е околу стотина метри и опкружена со вулкански карпи и пештери во кои се скриени трагите на живот од праисторијата. Станува збор за неолитска населба во која населението се занимавало со земјоделство и лов. Многуте видливи остатоци и предметите пронајдени во близина говорат дека карпата била духовно светилиште.

Се верува дека карпата е користена за посебни ритуали, според вдлабнатините во неа, во вид на катно поставени пештери, со платоа пред нив, со камен престол, седишта, остатоци од скалила и со базени за ритуално капење. Тука биле изведувани ритуални танци со принесување жртви на боговите на виното и плодноста. Во една пештера има со црвена боја нацртани симболи на човечки, животински, геометриски и недефинирани мотиви.

Источно од карпата се забележуваат исправени камења, односно мегалити или ориенти по кои се одредувала сончевата и месечевата позиција. На врвот на карпата е престолот, свртен кон исток, од каде се набљудувале сонцето, месечината и ѕвездите. Опсерваторијата се одржувала од каменото време, па во неолитот и во бронзеното време. Светилиштето се смета дека згаснало неколку века по новата ера.

Вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 г. Не постојат цврсти научни докази дали станува збор за праисториска мегалитска опсерваторија. Некои истражувачи сметаат дека е единствен локалитет во светот кој има и светилиште и жртвеник и опсерваторија.

Постои легенда за „ѓаволското око“ на Цоцев Камен која вели дека луѓето кои живееле во пештерите биле многу сложни и работливи. На врвот живеел ѓаволот кој им наредувал, но тие не го слушале. Кога се појавиле парите, ѓаволот им рекол: „Досега јас одлучував кој да живее, а кој да се отепа, а отсега парите ќе ве командуваат и ќе ве отепуваат.“ А постои и едно пророштво, кое сѐ уште не е потврдено, дека Цоцев Камен крие огромно богатство: „Цоцев Камен е шуплив откај реката и кога врата ќе се отвори, за Македонија ќе има доволно. Копачи нема да ја отворат, туку голема вода и ќе се открие што оставил цар Македон.“