Херојски чин на руски лекари: Додека болницата гореше, два часа го оперираа срцето на пациентот
фото:Тanjug/AP
- Моравме да продолжиме. Ние воопшто не размислувавме за откажување. Ја завршивме операцијата до крај - рече хирургот Валентин Филатов.
Додека болницата во Благовешченск на крајниот исток од Русија гореше, хирурзите и медицинските сестри одбија да го остават пациентот на операционата маса и по цели два часа успешно ја завршија процедурата на отвореното срце.
Покрив на болница во рускиот град Благовешченск се запали кога краток спој предизвика пожар кој брзо се прошири над старите дрвени греди.
Вкупно 67 пациенти беа веднаш евакуирани заедно со остатокот од медицинскиот персонал, но осум лекари и медицински сестри останаа во зградата во една од операционите сали.
Во моментот кога избувнал пожарот, започнале операција на срцето и имплантација на бајпас.
- Моравме да продолжиме. Ние воопшто не размислувавме за откажување. Ја завршивме операцијата до крај - рече хирургот Валентин Филатов.
Тој призна дека целата ситуација била многу стресна, пренесува „Сибирско време“.
- Секако дека бевме исплашени. Ние сме луѓе. Но, мојот тим покажа присебност и храброст, затоа што операцијата мораше да продолжи - истакна хирургот.
За да ги заштитат пациентот и медицинскиот тим од чад, пожарникарите користеле електрични вентилатори во ходниците, а централната вентилација била исклучена за да не се напојува огнот.
За среќа, пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот пред крајот на операцијата, а никој не е повреден.
- Голем поклон пред медицинските лица и пожарникарите - рече гувернерот на регионот Амур, Василиј Орлов.
извор: telegraf.rs