Како да се намалат сметките за струја? Експерти откриваат кои уреди „горат“ најмногу енергија и каде се прават најчестите грешки
Домашниот буџет сѐ почесто е под притисок на постојани поскапувања, па граѓаните внимателно ги анализираат сите трошоци – од сметките за храна, до режиските и дневните потрошувачки. Најмногу внимание, како и секогаш добиваат сметките за електрична енергија, бидејќи периодот на стартотот на грејната сезона е идеален за споредбена анализа: колку навистина трошиме и каде може да се намали потрошувачката со подобра организация?
Сѐ повеќе домаќинства се обидуваат да ги користат електричните апарати во часови кога струјата е поевтина – готвење навечер, вклучување на машина за перење или миење садови во евтина тарифа и слично. Но според стручно лице од областа на електроинсталации и домашна техника, постојат и други, многу потценети фактори кои значително го зголемуваат месечниот износ.
Сушарата – „невидливиот“ потрошувач што знае да работи по 5 часа
Електротехничарот и сервисер на бела техника, Илија Стојанов, вели дека најголемиот проблем во домаќинствата е што апаратите се користат без редовно одржување.
„Кај сушарите најчестата грешка е нeredovno чистење на филтрите и каналите. Кога тие се затнати, машината добива погрешен сигнал дека алиштата се сѐ уште влажни, па продолжува да работи и по неколку часа. Луѓето мислат дека сушарата е дефектна, а всушност таа се ‘бори’ со насобраните влакна,“ објаснува Стојанов.
Тој нагласува дека сушарите треба да се сервисираат најмалку еднаш годишно, по завршување на зимскиот период, но малкумина го прават тоа.
Термопечките „јадат“ струја ако им е слаба изолацијата
Според овој експерт, во групата на најголеми потрошувачи спаѓаат и старите термопечки.
„Кај многу термопечки проблемот е лошата изолација. Греачот работи навечер, но топлината брзо се губи бидејќи огноотпорните тули нема што да ги задржи. Тоа е исто како куќа со зидови без фасада. Печката нема вина – вината е во изолацијата,” објаснува Стојанов.
Бојлерот троши многу – но не секој бојлер е ист
Според него, потрошувачката на бојлерот зависи од неколку фактори: видот на бојлер, неговата старост, изолацијата и квалитетот на водата во регионот.
„Проточните бојлери се најекономични, затоа што греат само тогаш кога е пуштена водата. Иако се многу помоќни во киловати, реално помалку трошат затоа што не чуваат голем резервоар со вода што треба постојано да ја одржуваат топла,“ вели тој.
Кај класичните бојлери проблемот е лошата изолација.
„Луѓето купуваат евтини бојлери со долга гаранција мислејќи дека направиле добра зделка. Но слабата изолација прави водата брзо да се лади. Тогаш бојлерот се вклучува многу почесто, и сметката расте. Квалитетниот бојлер, и по 10 години, ако е добро изолиран, ќе троши двојно помалку,“ додава Стојанов.
Тој советува: ако бојлерот е стар, не е исчистен или има слаба изолација – исклучувајте го. Новите модели со добра изолација може да работат постојано без голема разлика во сметката.
Квалитетот на водата – фактор што ретко кој го зема предвид
Експертот потсетува дека енергетската ефикасност на бојлерите зависи и од самата вода.
„Во Скопје водата е потврда и побрзо создава каменец, што ја уништува изолацијата и грејачите. Во Охрид, Валандово или Крушево има сосема различна структура. Тоа влијае и на перформансите и на потрошувачката,“ објаснува тој.
Заклучок: најголемата заштеда доаѓа од редовно одржување
Граѓаните можат значително да ја намалат потрошувачката ако редовно ги чистат филтрите, сервисираат уреди и внимаваат на изолацијата на бојлерите и термопечките.
„Не е доволно само да се користи струја во евтина тарифа. Најголемите сметки доаѓаат од апарати што работат неправилно или предолго, а тоа е нешто што може да се спречи со навремена грижа,“ вели Стојанов.
Извор: ФАКТОР