Каква чест: БИЛ ГЕЈТС гостуваше пред македонските ученици: Наставничката Георгина од Неготино им овозможува на учениците глобално учење преку онлајн поврзување
Септември - познат како месецот на враќање на учениците во училишните клупи, се пролонгира за октомври, но, се уште не знаеме што ни носи октомври.
Коронакризата ги извади на површина недостатоците на образованието, а од друга страна, ни покажа дека онлајн наставата може да биде иднината на образованието.
Наставници, родители деца, секој на различен начин го прифати или не онлајн учењето, а во низата незадоволства од истото се наоѓаат и позитивни примери.
За еден таков позитивен пример за онлајн настава, која се стреми кон следење и применување на светска пракса за успешно школство од тој вид, веќе неколку години придонесува наставничката по информатика во основното училиште „Страшо Пинџур“, Неготино - Георгина Димова.
Димова особено внимание привлече со тоа што им овозможи на нејзините ученици да бидат дел од онлајн час на кој гостуваше американскиот бизнис магнат - инвеститор, филантропист, а најдобро познат како ко-основач на „Microsoft Corporation“, Бил Гејтс.
Но, таа вели дека запознавањето со Бил Гејтс не е најголемото достигнување во овој вид на настава, за неа многу побитен е моментот каде учениците се запознаваат со начинот на глобално учење преку поврзување.
Како дојде до тоа вашите ученици да присуствуваат на онлајн час со Бил Гејтс?
Како изгледаше целиот процес, каков впечаток ви остави Бил Гејтс вам и на вашите ученици?
- Часовите по програмирање ги реализираше онлајн организацијата code.org. Тие се организација од Америка чија цел е да се воведе прогамирање во сите училишта. Дури и во пониските одделенија - не како програмирање туку како програмско размислување – решавање проблеми, длабинско учење, критичко размислување. Нивните лекции ги користевме со учениците и во нормалната настава. Кога се случи пандемијата тие започнаа да нудат онлајн часови по програмирање, а за да ги направат поатрактивни на секој час имаа некој познат гостин како Бил Гејтс, актерката Yara Shahidi и креаторот на google sheets - Fuzzy Khosrowshahi.
Наставничката Димова вели дека ваков вид на настава преку онлајн поврзување во училиштето во Неготино реализираат веќе неколку години. На тој начин учениците учат за работи кои ги нема во учебниците, така што се запознаваат со врсници од цел свет.
- Три години по ред учествуваме во активностите од Мајкрософт програмата – „Скајп во образованието“ преку која учениците преку скајп се поврзуваат со свои врсници од целиот свет. Јас и колешката Марија Стојкова – наст. по англиски јазик редовно се вклучуваме во Глобалното поврзување на Мајкрософт – 48 часовен настан во кој учениците се поврзуваат со ученици од целиот свет за играње на “Mystery skype”, културна размена, презентирање на својата држава, презентирање на традиционални танци и т.н. Овој настан е многу популарен и тие 48 часа учениците се постојано во училиштата, некаде дури и преспиваат со цел да се опфатат сите временски зони и да се видат што повеќе места од Земјата.
Од ваквиот вид на настава учениците учат за другите држави, се запознаваат со свои врсници, вежбаат јавно говорење. Учат за нештата кои ги нема во учебникот – како ги лекуваат болните и ранетите пингивни во Африка, разговараме со деца кои се родени со ХИВ во прифатилиште исто во Африка, традиционални песни и танци од Малезија и Индија, пирамидите во Египет, се вклучивме во Канада каде што работевме на проект за изработка на соларни ламби за оние кои немаат електрична енергија. Научивме дека и децата во Шведска и Франција играат со фиџет спинер.
Предавањето информатика онлајн е предизвик, вели Димова, поради специфичноста на предметот. Проблем е и нееднаквата достапност до техниката кај учениците, па не е секогаш возможно она што се предава веднаш да се увежбува на компјутерот.
Но, со имплементирање на нови методи на учење, наставничката Георгина успева да им го пренесе знањето на децата, преку онлајн часови.
Кој е вашиот личен став за онлајн наставата? Има ли услови во Македонија за овој вид настава?
-Онлајн наставата е голем предизвик и за училиштата и за учениците и родителите. Не е идеална и најдобра, ама во овие услови тоа е она што можеме да го направиме за да имаме продолжение на образованието. Ќе биде со тешкотии сигурно, ама верувам дека наставниците ќе дадат се' од себе за да биде што поуспешна.
Димова води и блог преку кој им помага на учениците во учењето, но им користи и на нејзините колеги.
- Моите материјали, лекции и активности ги објавувам на блогот кој го водам веќе неколку години. Материјалите кои таму ги споделувам се и за учениците, но и за сите мои колеги на кои би им биле корисни.
Вложеноста во се' она што го правите бара време, како го балансирате тоа со вашите домашни обврски, особено сега во време на пандемијата и онлајн наставата?
- Кога го работиш тоа што го сакаш, ништо не е тешко. Ако домашните обврски се делат помеѓу членовите на семејството има време за се'.
-Љ.Иванова