Какви тајни крие пештерата Пешна? Каде се крие златото на Крали Марко?
Недопрена, а крие толку многу во својата утроба...
Остана само мал дел од локалитетот, но по дебелината на ѕидовите од два метра може да се заклучи дека станува збор за огромна тврдина, која во тоа време претставувала центар на животот на целата област. Се работи за Девините кули. Во западниот дел на Македонија, во центарот на Поречието, оддалечено околу 8 км од малиот град Македонски Брод, во правец на Самоков е живописното планинско село Девич, сместено во прекрасна зелена недопрена природа што жителите успеаја да ја зачуваат со својата вековна изолација. Во негова близина, на врвот на тесниот карпест рид, кој е заоблен од три страни по должината на Девичка река, овие кули се споменик на врмето.
На другиот рид преку патот, десно по долината на реката Треска се наоѓа една од најголемите пештери, Пешна. Иако не е многу длабока, има голем влез со димензии од 16,8 x 52,4 м и таваницата од 30 м. во висина. Од северниот дел на пештерата, по дождовите и снегот, избива реката Пешна, која целосно се суши лето. Откриено е дека пештерата има езеро со риби, 200 метри под земја, што претставува туристичка атракција. На самиот влез се наоѓаат остатоци од ѕидовите на средновековна тврдина и црква.
Интересни се преданијата за овие знаменитости. Се претпоставува дека кулите се од времето на јунакот Крале Марко. Тој имал неколку сестри. Најстарата, убавицата Дева, живеела во кулите.
По неа тие биле наречени Девини кули, а од таму и селото го добило името Девич. Пешна, другата сестра на Крале Марко, живеела во тврдината крај големата пештера која се гледа од Девините кули. Пештерата по неа го добила името. Инаку, Пешна во весникот „Њујорк тајмс“ е опишана како идентична на измислените пештери во книгата „Господарот на прстените“.
Во близина, според преданијата, некогаш постоела чешма на која се миела Дева, а веднаш до неа било скриено азното, златото, големото богатство на Крали Марко кое го чувало некое животно.
И денес трагачи на злато постојано кружат во овој предел со надеж дека ќе го најдат богатството за кое постои уште едно предание дека е закопано во длабочините на самата пештера.