Коронавирус: 6000 светски научници потпишаа против карантин

Илјадици светски научници и здравствени експерти потпишаа изјава против повторно воведување на карантин (заклучување).

Скоро 6.000 експерти, вклучително и десетици од Велика Британија, веруваат дека таквата мерка може да има разорно влијание врз физичкото и менталното здравје на една личност, како и врз самото општество. Тие бараат заштитата да биде насочена кон најранливите групи и здравите луѓе да продолжат со животот, пишува БИ БИ СИ.

66 матични лекари и голем број медицински лица кои имаа важни позиции во британското медицинско друштво му пишаа на британскиот министер за здравство за да ги посочи можните негативни ефекти од повторното заклучување, што е во согласност со барањата на движењето зад Големата декларација на Барингтон.

Што вели Големата декларација на Барингтон

Движењето зад декларацијата против блокирање започна во САД, а декларацијата досега ја потпишаа скоро 6.000 научници и медицински професионалци ширум светот, како и 50.000 граѓани.

Експертите од Велика Британија кои ја потпишаа Декларацијата сметаат дека повторното воведување на карантин пред да станат достапни вакцините може да предизвика „непоправлива здравствена штета“. Тие велат дека стапките на вакцинација кај децата може да паднат и дека грижата за срцевите пациенти или оние со рак може да се влоши.

Тие истакнуваат дека ризикот од инфекција со коронавирус е 1000 пати поголем кај болни лица или постари лица. Како што расте имунитетот на населението, потписниците на Декларацијата веруваат дека ризикот од инфекција се намалува за сите групи - вклучително и за критичните.

Декларацијата препорачува низа мерки за заштита на ранливите лица, вклучително и редовно тестирање на вработените во старечките домови и препорачува испорака на намирници и други потреби за пензионерите што живеат дома.