„Сиромашни“ политичари: Какви автомобили возат Балканските лидери?
И додека дел од светските лидери се натпреваруваат кој каков автомобил ќе има приватно (да не зборуваме за државните автомобили во кои ги возат, а вредат милиони евра), добар дел од Балканските лидери имаат многу стари автомобили, оние кои им се во приватна сопственост. Од Вардар па до Триглав... и пошироко, се’ се тоа политичари со возила кои надминуваат дури и 30 години старост.
Но, токму тие автомобили ги имаат наведено во нивните имотни карти доставени до официјалните служби во нивните земји. Некои политичари дури и немаат автомобили на свое име, туку на име на сопругите. Како и да е, скромноста веројатно ги краси и нив, па да видиме кој што вози:
Александар Вучиќ- Претседател на Србија
Иако според неговата имотна карта доставена до Агенцијата за борба против корупција, нема наведно дека има возило, сепак српските медиуми како „Вечерњи лист„ и „Блиц“ посочуваат дека вози „Шкода Октавија“ која му е од 2006 година.
Во базата на податоци за имотот на политичарите објавени од мрежата за истраги за криминал и корупција (КРИК) се наведува дека автомобилот всушност го поседува братот на претседателот, Андреј Вучиќ и дека до 2011 година, Александар Вучиќ извршил сообраќаен прекршок со истиот тој автомобил.
Зоран Милановиќ- Претседател на Хрватска
Претседателот во својот имотен лист има наведено дека поседува „Форд фокус“ од 10.500 евра.
Купен му е на лизинг, односно месечна рата од 172 евра.
Мило Ѓукановиќ- Претседател на Црна Гора
И тој како и српскиот колега нема свој автомобил, барем не на свое име.
Според неговата имотна картица, неговата сопруга, Лидија Ѓукановиќ поседува „Ауди А3“ од 2006 година.
Борут Пахор- Петседател на Словенија
Претседателот е многу актуелен на социјалните мрежи и често открива детали од својот живот.
Според неговата имотна картица, тој поседува автомобил „Рено 4“ од 1991 година, стар скоро 30 години.
Еди Рама- Премиер на Албанија
Шефот на албанската влада веројатно е еден од единствените премиери кој не поседува возило во неговата имотна картица доставена на Високиот инспекторат за контрола на недвижности.
Стево Пендаровски- Претседател на С.Македонија
За нашиот претседател е познато дека поседува автомобил „Југо темпо 1.1“ старо повеќе од дваесет години, проценето на илјада евра.
Така е наведено во неговата имотна карта доставена до Антикорупциската комисија.