Скопје радост ти ќе бидеш или веќе не си ни радост оти те осакатија: Среќен празник граду Феникс
Денес е 13-ти Ноември, денот кој го чествува нашиот главен град Скопје.
На 13 ноември борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на гренадирската германска дивизија, борците со победоносен марш влегоа во градот.
По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година градот бргу се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија, која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Честит празник граду Скопје!!!
Низ годините Скопје го менуваше својот лик. Разорниот земјотрес во 1963 година градот го срамни со земја, илјадници загинати и без покрив над главите. Но од пепелта, со помош на целиот свет се издигна, стана град на солидарноста, првично се изградија фантастични објекти кои денес не губат од својата убавина.
Потоа дојдоа „неки нови клинци“, го узурпираа зеленилото, Скопје се угуши во смог- прв град во светот по загаденост на воздухот, згради на сите страни, урбана мафија, скоро никакви архитектонски решенија кои немаат ни цел и визуелен изглед... за патиштата и да не зборуваме, како и за јавниот превоз, а сметот... тоа е посебна приказна.
Лицето на градот се изобличи, од град Феникс стана град „монструм“. Сеуште некаде дише духот на старото Скопје, сеуште во некој од нас дише тој дух...
А што ќе биде понатаму, останува да видиме и да бидеме свесни при секоја нова одлука која го нагрдува или го разубавува градот...
Се разбира, има што да се види во Скопје денес. Имаме сепак убави нешта. барем тие да ги зачуваме...