СЗО: Нема докази дека коронавирусот се пренесува преку храна, луѓето да не се плашат
Светската здравствена организација соопшти дека нема докази дека коронавирусот се пренесува преку храната и рече дека луѓето не треба да се плашат дека ковид-19 ќе влезе во ланецот на храна.
Реакцијата следува откако двата кинески градови објавија дека траги од коронавирус биле пронајдени во замрзнати пилешки крилја од Бразил и замрзнати ракчиња од Еквадор.
„Луѓето не треба да се плашат од храна, спакувана храна или храна што се испорачува, затоа што нема докази дека вирусот се пренесува на тој начин“, рече шефот на програмата за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан, на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Епидемиологот на СЗО, Марија ван Керхов рече дека стотици илјади пакувања биле тестирани во Кина, а траги од вирусот биле пронајдени во помалку од десет.
Бразилското Министерство за земјоделство објави дека тие побарале појаснување од Кина, додека министерот за економија на Еквадор, Иван Онтанаеда, за Ројтерс изјави дека протоколите строго се следат при преработка и пакување храна, и дека тие не можат да бидат одговорни за она што се случува кога стоките ќе го напуштат Еквадор.