Татко и син пронајдоа шише со порака од 1969 година: Успејаа да го пронајдат и нејзиниот автор

Татко и син од Јужна Австралија пронашле шише со порака која е фрлена од брод во океанот во 1969 година, од тогаш 13-годишниот Пол Гилмор од Велика Британија. Авторот на пораката неодамна беше пронајден, по повеќе од половина век, а моментално е на море.

Пол Елиот и неговиот син Џаја го открија шишето на западниот брег на полуостровот Ајр додека таму ловеле риба. Елиот го барал авторот на пораката, кој се претставил како 13-годишно момче од Англија, кое патувало со брод покрај јужниот австралиски брег, од Фремтел до Мелбурн. Пораката е напишана на хартија со логото на компанијата „Ситмар лајн“ и со дата 17 ноември 1969 година.

Гилмор патувал по Ферстар, кој превезувал многу британски имигранти во Австралија во 60-тите години на минатиот век. Тој го замолил лицето кое ќе ја пронајде пораката да му одговори и ја оставил неговата адреса во Мелбурн.

Медиумите ја пронајдоа неговата сестра Ени Кросленд во Велика Британија, која рече дека нејзиниот брат бил на крстарење на Балтичко Море, но дека ќе се воодушеви кога ќе ги чуе вестите.

Сестрата на Гилмор рече дека нејзиниот брат напишал околу шест писма, ги ставил во шишиња и ги фрлил во океанот. Семејството на Гилмор живеело во Австралија до 1973 година, одтогаш живеат во Велика Британија.

„Гардијан“ потсетува дека во сличен случај, Тоња Илман во песочните дини во близина на островот Клин пронашол шише џин стар 132 години. Внатре се наоѓало хартија отпечатена на германски јазик и со датум од 12 јуни 1886 година. Музејот на Западна Австралија ја потврди неговата автентичност.

Фото: Фејсбук