Засекогаш во прегратките на Монт Еверест: Димитар Илиевски го искачи, но никогаш не се врати од таму

Како член на „МАХЕ Еверест 89“ (Македонска Хималајска Експедиција), Димитар Илиевски на 10-ти мај во 18.00 ч. 1989 година заедно со придружните членови: Стипе Божиќ, Виктор Грошељ и шерпасите Сонам и Аџива се искачи на највисокиот врв на светот Мт. Еверест – 8848 м. и стана првиот Македонец што го развеа Македонското знаме на врвот на светот. 

Тој ден неговиот животен сон стана стварност, искачувањето се славеше во базниот логор и во Македонија. Но истиот ден големиот триумф стана трагедија, тој ден е забележан и како последен во животот на Диме кој при враќањето од врвот не успеа да слезе во последниот висински логор на јужното седло (8200 М и засекогаш остана во прегратките на големата планина. Подвигот на Диме и на членовите на Македонската експедиција ја вброи Македонија во една од ретките земји кои имаат свој претставник на врвот на светот, а Диме како 263 по ред алпинист кои се има искачено на Еверест влезе во легендите на Македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Го освои врвот на светот и тој му даде вечна слава.

Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Роден е во Битола на 21.09.1953 година. На своите 35 години влезе во алпинистичката и спортската историја. Во Планинарското друштво „Пелистер“ се зачлени во 1968 год. а како секој алпинист и планинар во 1972 год.го заврши курсот за горски спасители предводен од Никола- Момазот, со алпинизам почнува да се занимава од 1975 год. Со посетување на курсеви и тренинзи го добива звањето алпинист а подоцна со стекнување на алпинистичко искуство инструктор. Диме заедно со другарите исто така негови истомисленици:Симе,Мирко,Мики, Мони,Бале,Ѓорѓи и Драшко и други организирано ги започуваат првите искачувања и го популаризират алпинизмот и планинарството во Битола и ја освежуваат алпинистичката секција на „ПСД Пелистер“ која беше занемарена. Првите планинарски искачувања започнуваат во Македонија на планините: Кораб (2848м.), Шар Планина, Титов Врв (2793м.), Љуботен (2499м.), Солунска Глава (2540м.), Кајмакчалан (2521м.) и други. Заедно со своите другари а и со сопругата Елпида своите годишни одмори ги користеа за искакчување на повисоките врвови од бивша Југославија: Јулиски Алпи - Триглав (2863м.), Шкрлатица, Гринтавец, Јаловец (во Словенија), Маглиќ (Босна), Геравица, Копаоник во (Србија). Од тогашниот Планинарски сојуз на Југославија му беше доделено признание за совладување на Југословенската трансверзала, освојувајќи по два врва од секоја република и два врва од секоја од тогашните покраини.

Инаку, Диме Илиевски учествуваше во Првата македонска алпинистичка експедиција „Анди 82“, која ги освојува врвовите: Чупикалки (6.400м.), Северен Хаускаран (6677м.) и Јужен Хаускаран (6768м.) на Планината Кордиљера Бланка во Перу, Јужна Америка. За време на Втората македонска алпинистичка експедиција „Памир 84“, кога беа освоени врвовите „Пик Четворјох (6.400) и Врвот на комунизмот (7.495 м), Диме и неговиот другар Ѓорѓи Костовски учествуваат во спасувањето на двајца алпинисти од Австрија.

Меморијален марш

Секоја година почнувајќи од 1990год. кога се одржа првиот меморијален марш во чест на Димитар Илиевски и по иницијатива на планинарите и неговите другари истиот меморијален марш стана традиција која трае веќе 20 години.

Меморијалниот марш се одржува секоја година во месец мај од 7 до 10- ти во организација на Планинарското друштво "Пелистер" планинари од цела Македонија од

Србија, Хрватска, Бугарија и од други места се искачуваат на врвот на "Пелистер" од повеќе страни а на самиот врв на местото каде се наоѓа споменикот на Диме или "Димев" врв се чита пригоден говор и планинарите се запишуваат во спомен книгата. Последниот ден од маршот е на местото на планинарскиот дом "Копанки" исто така пред споменикот на Мурато се чита говор и се доделуваат благодарници и признанија на луѓето кои имат дадено допринос за одржување на маршот и на луѓе кои имаат дадено допринос на полето за развој на планинарството,после ова маршот се прогласува за затворен.

На полето на алпинизмот е добитник на повеќе награди и признанија:

- Награда "4 ти Ноевмври" ден на ослободувањето на Битола

- Златни значки на Планинарскиот сојуз на Македонија за 1980,1982, и 1984год.

- "Орден за засуги за народ со сребрена ѕвезда" за 1984год.

- "Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда" за 1989год.

- "Спортист на Македонија" за 1989год.

- Награда "25 ти мај" 1989год.

- "Спортист на годината" на град Битола за 1984 и 1989год.

- Награда на весникот "Нова Македонија" 1989год.

- “Признание за учество во експедицијата Еверест 89 од град Скопје“

- “Спортски великан на Македонскиот олимписки комитет 1989год.“

- "Награда 11 ти Октомври" 1990год.

- "Признание за Подвиг на векот" Општина Битола

- "Спортист на годината и на векот од весникот "Скок"

- Златна плакета "Спортист на столетието" Сојуз на спортови град Битола 1999год.

- "Медал за заслуги за Македонија" 2008год.

- "Национално Спортско Признание" 2008 год.

- "Награда Крсте Петков Мисирков" Фондација Рамковски 2010 год.

Поранешниот премиер на Владата Никола Груевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Драган Ѓурчевски на 18.12.2008 год. ги доделија 15-те национални спортски признанија, исто така постхумно му е доделено спортско признание на Димитар Илиевски.


На сертификатот издаден од Министерството за туризам и цивилно воздухопловство на Кралската Влада на Непал пишува: „Со ова се потврдува дека Г-динот Димитар Илиевски - Диме од Македонија, Југославија, успешно се искачи на 8848 метри високиот Монт Еверест во 1989 година во пролетната сезона, како дел од Македонската Експедиција на Еверест водена од г-дин Јован Попоски од Македонија, ...“

Co тој подвиг Диме Илиевски отиде во вечноста и во светот на спортските легенди.