Жена шетала низ шума и случајно нашла расфрлани кованици! Станува збор за богатство старо 900 години, а на него нивните ликови

Неименувана жена која шетала низ шума во близина на градот Кутна Хора во Чешка, сосема случајно наишла на непроценливо археолошко богатство – повеќе од 2.000 сребрени кованици, познати како денари, скриени во оштетен керамички сад.
Научниците ова откритие го нарекоа „едно од најзначајните во последната деценија“.
Скриени во време на немири
Археологот Филип Велимски објаснува дека монетите веројатно биле оставени во првата четвртина на 12. век, за време на политичка нестабилност кога чешката кралска династија Пшемисловиќ водела внатрешни борби за престолот во Прага.
Сопственикот ги закопал кованиците, но никогаш не се вратил по нив. Иденитетот останува мистерија, но експертите сметаат дека не можел да биде „обичен човек“, туку личност со висок статус.
– Во тоа време оваа количина монети имала огромна вредност, споредлива со денешно добивање милиони на лотарија – вели Велимски.
Плата за војници или воен плен?
Областа околу Кутна Хора е позната по древни битки и движење на војски. Затоа археолозите претпоставуваат дека парите можеле да бидат наменети за исплата на војници или претставувале дел од воен плен.
Првичните анализи покажале дека кованиците биле изработени на повеќе локации низ денешна Средна Чешка. Освен сребро, тие содржеле и бакар, олово и други метали во трагови.
Од тајна до музеј
Иако можеби никогаш нема целосно да се дознае нивната намена, научниците се решени да ги истражат сите детали. По анализите и реставрацијата, богатството ќе биде изложено како уникатен доказ за историјата на Чешка од 12. век.
Извор: Еспресо / Freepik